Никогаш не се врзував за функции и титули зашто тие се привремени

 29.04.2020
Autor: Mira Adanja-Polak

Личноста на која често мислам е Шимон Перес, претседателот на Израел кој и ја создаваше таа земја. Неодамна се сретнав со неговиот син со кого разговарав. Тука секогаш ме фасцинира автентичната обичност и здравата логика. Таа животна мудрост ми е секогаш на ум…паметам дека ми рече дека секогаш ние сами одредуваме кој може да нè навреди.

Предизвик е да се направи интервју со жена на која интервјуата ѝ се специјалност, белградската новинарска легенда Мира Адања Полак. Низ емисиите и написите на Адања Полак поминале бројни важни личности, од Хенри Кисинџер, Пјер Селинџер, Лорд Овен, Маркес, Рудолф Нуреев, Јованка Броз, Данило Киш, до Кирк Даглас, Софија Лорен, Карло Понти, Ерика Џонг, Барбара Картланд…, до принцеви и принцези.

Како новинар, продуцент и истражувач, автор е на низа пишани и документирани репортажи, истакнати и во странските медиуми. Не напразно нејзината емисија се вика „Мира Адања – ексклузивно“, авторска емисија која се емитува во повеќе термини на РТС, самата е позната по непогрешливото чувство што е тоа ексклузивно во одреден момент.

Нема кој не ја обожава, поради нејзиниот специфичен пристап кон животот, а на нејзината имејл адреса достапна е за својата публика. Има и свој Јутјуб канал, а и прв новинар е кој има своја апликација за мобилни телефони.

Не ми требаа „врски“ – напротив – за да стигнам до госпоѓа Мира. Ѝ пишав на мејлот, на оној ист на кој ѝ пишуваат нејзините обожаватели. Па, што, и јас сум нејзин обожавател! Еве го нејзиниот имејл – па ако ви се допадне разговорот, или ако сакате нешто да прашате, да кажете, да размените мислење, слободно обратете ѝ се: mira@adanja-polak.com. Сигурна сум дека „недопирливата“ ќе ви одговори.

На Вашиот имејл пристигнуваат коментари и исповеди од гледачите на Вашата емисија, за проблемите кои се појавуваат во изолација и за вознемиреноста што ја доживуваат во овој период. Како Вие се чувствувате во оваа ситуација и како гледате на целата оваа ситуација со коронавирусот?

– Кога ова го пишувам веќе е 35 ден откога не сум излегла од дома. Не се будев ни пред разденување за да го користам дозволеното време за купување. Размислував дека тоа веќе било, дека траело и дека на тоа немаме големо влијание. Историјата укажува дека епидемиите се случуваат без разлика на сè и дека често човекот е во ситуација да мора да се стрпи и да го сочува здравиот разум и да ги почитува советите на струката во кои треба да има доверба.

Која е за Вас најексклузивна новинарска тема која би требала да се истражи за коронавирусот, а која личност од светски ранг за Вас сега е најголем предизвик за разговор на оваа тема?

– Би почекала со интервјуата во секој случај. За многумина вирусот е сепак непознаница. Со текот на времето ќе се искристализираат јасни насоки. Истражувањата се во тек, но времето го дава одговорот. Истражувачите веќе работат. Лабораториите ширум светот се натпреваруваат во изнаоѓање вакцина. Времето често ги дава вистинските одговори. Сакам да сочекам, што не значи доста да читам и да споредувам. Секој изговорен збор во време кога луѓето се исплашени, кога умираат од вирусот, секоја изјава носи голема одговорност. Зборот и некое тврдење може да убие како и вирусот. Стравот ги носи своите жртви. Основна работа е да се најдат меродавни извори во кои верувате. Во тоа е излекувањето и решението.

Неодамна напишавте на Твитер дека е важно да се сеќавате, дека сеќавањата се секогаш делотворни и дека паметејќи некои минати времиња, полесно ја разбираме сегашноста. За време на војната во Босна обезбедивте единствено ексклузивно интервју со тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, кое британската телевизија „Ај ти ен“ го емитуваше во над 60 земји низ светот. Како денес го помните и разбирате тоа време кое останало во сеќавање?

– Мене ме чуди што се навраќате на тоа интервју…Само го следев принципот дека секој глас мора да се чуе и дека е важно Милошевиќ, тогаш претстедател, да биде интервјуиран објективно и својата порака да ја испрати во светот. Тогаш ја испробував својата умешност и продорност рамо до рамо со светските агенции и новинари.

Интервјуиравте бројни светски лидери и влијателни луѓе, кој ве задолжи со најдолго сеќавање?

– Сега кога сè ова се случува мислам дека од новинарството, од она како што јас го гледам, сум го зела најдоброто. Многу лидери веќе нема ни да се појавуваат, нема да бидат повеќе личности кои би можеле да ме засенат со своите визии. Сретнував луѓе со голем ум и неверојатни можности кои тие ги користеа паметно и контролирано. Повеќето беа тоа луѓе кои ги советуваа оние истурените кои луѓето ги препознаваат. Нивните знаења и ден денес ги користам зашто се совршени аналитичари кои гледаат однапред. Личноста на која често мислам е Шимон Перес, претседателот на Израел кој и ја создаваше таа земја.

Неодамна се сретнав со неговиот син со кого разговарав. Тука секогаш ме фасцинира автентичната обичност и здравата логика. Таа животна мудорст ми е секогаш на ум…паметам дека ми рече дека секогаш ние сами одредуваме кој може да нè навреди.

Имавте неверојатни соговорници, но и во ситуациите во кои се најдовте многупати бевте први и единствени. Ќе остане запаметено дека го снимивте Нимиц, американскиот носач на авиони, во време кога тоа беше незамисливо. Какво беше тоа искуство?

– Многу фама имаше околу таа моја посета на Нимиц…Сега со ова знаење можам да кажам дека беше тоа во невреме…Не бев ни свесна за тој потфат. Само знаев дека никому не треба да кажам каде одам…интуиција.

Ја имав таа можност зашто во текот на својот престој во Германија, како гостин на госпоѓа Бурда (Бурда е госпоѓата која со сопругот кој беше издавач направи „бум“ со женските списанија, н.з), имав личност која ме запознаваше со големата империја на госпоѓа Бурда и која ме заинтересира со својата посветеност и големото образование. Очигледно дека беше многу поважен од обичен домаќин на новинар.

Никогаш не занемарив ниту еден контакт, секогаш во некои луѓе гледав повеќе од другите и никогаш не се врзував за функции и титули зашто тие се привремени. Секогаш непогрешливо чувствувам каде е ексклузивата.

Остана забележана и Вашата приказна за средбата со Оријана Фалачи, среде ноќ во белградски хотел. Можете ли на македонската публика да ја доловите таа средба и што за вас беше најголемиот впечаток од средбата со Оријана Фалачи?

– Ме повика среде ноќ да дојдам во хотел во Белград. Ливче со име и мој телефон ѝ тутнав в рака во големата гужва. Среде ноќ бев соочена со Оријана Фалачи, која опкружена со цвеќе седи и дава интервју. Тогаш одлучив дека тоа дефинитивно не го сакам…и затоа својата кариера ја држев под контрола чувајќи се од сите големи предизвици кои ги има и денес. Јас секогаш учам и знам што не сакам.

Зборувавте дека професионален пример ви е Барбара Волтерс, поради што Волтерс? Дали некогаш сте се сретнале?

– Ја сретнав во Њујорк и ме восхити нејзината самоконтрола и професионализам. Сè уште работи, погледнете на Јутјуб некои од нејзините интервјуа. Тоа ми се допадна.

Дали некогаш сте се чувствувале феминистички? Дали и колку ни е феминизмот потребен?

– Не знам што тоа подразбира. Мене сите ме пазат, ми отвораат врата, ме третираат со внимание и почитување.

Не ја искажувам својата сила со тоа што се јуначам или споредувам со мажите. Никогаш не сум имала искуство каде сум морала да се натпреварувам и да ја покажувам својата еднаквост со мажите. Јас сакам да ме пазат и да им готвам.

Дали жените во поранешна Југославија беа подобро третирани во општеството отколку денес? Ми изгледа дека рамноправноста беше поизразена?

– Не можам да судам за тоа. Мене секогаш ми беше исто зашто и јас секогаш сум била иста.

За која македонска личност може да кажете дека ви оставила впечаток и кога?

– Тоше Проески, неостварено интервју. На излезот од концертот во Белград – кратка средба и прилиминарен договор…

Вас ве слушаат, имате долгогодишно големо влијание на публиката и голем кредибилитет. Велат, „ако Мира тоа го објавила, тогаш сигурно е така“. Како се постигнива толкава доверба?

– Не сум јас свесна за тоа…Но, ако велите дека луѓето ми веруваат тогаш тоа е најголема награда која можам да ја добијам за работата која ја работам со години. Немам јас тука рецепт. Не се изневерувам себеси па тоа се пренесува и на гледачите.

(Јасмина Кантарџиева Димков, „Слободен печат“, 28. april 2020.)

Pratite me i preko mobilne aplikacije za Android i iPhone.

Ostavite komentar

Error! This email is not valid.