Не можам да спијам на лаври

Мира Адања-Полак е новинар во чие искуство се потпишани интервјуа со Оријана Фалачи, Ричард Никсон, Јованка Броз

Повозрасните ја паметат Мира Адања-Полак како доајен на новинарството од бившите ЈУ-простори, а денешните генерации имаат можност да ја следат секоја сабота на каналот РТС1 (14,30 часот). За работата на Мира се врзуваат оригиналност, стил и многубројни интервјуа со личности кои за другите едноставно беа недостапни. Секогаш поинаква во пристапот, таа спаѓа во оние новинари што ја користат девизата „Поважно да си некаде отколку да бркаш некого за интервју“. Еве што уште дознавме за Мира Адања-Полак.

По професија сте психолог и веројатно тоа доста Ви помогна во новинарскиот пристап. На пример, луѓето да имаат потреба да Ви се отворат, да кажат нешто повеќе. Зошто го одбравте новинарството и дали телевизиското за разлика од печатеното повеќе Ви го крева адреналинот?

– На новинарството гледам како на професија која повеќе од другите може да го менува светот и да им помага на луѓето. Го одбрав токму поради тоа. Како психолог би имала помалку можности да обрнам внимание на некои појави. Школувањето за клинички психолог ми даде широко образование, што според мое мислење е неопходно за занимавање со новинарство. Тоа што сум психолог ми помага да протолкувам нечие однесување подобро од другите, но фактот дека луѓето ми се доверуваат зборувајќи работи што не би им ги кажале на другите произлегува од довербата што ја имаат во мене и во ова што го работам. Инаку, доста пишувам, а работам и за телевизија. Тоа навистина се два вида работа и не мислам дека адреналинот ми проработува додека работам. Повеќе ја преживувам судбината на луѓето со кои зборувам и нивните болки ме болат и мене. Многу често и не сум свесна дека некој разговор се снима. Тоа што е тука камерата не ме оптоварува. Често заборавам дека сум новинар.

Во професијата имавте можност многу да патувате, да среќавате најразлични луѓе и да направите интервјуа со интересни личности – Јованка Броз, Оријана Фалачи, Ричард Никсон… Колку Ви беше потребна снаодливост за да стигнете до нив?

– Ретко некој ми верува дека до познатите личности дојдов сосема случајно. Едноставно, се случува да сум во друштво на луѓето што ги знаат. Често случајните познајници ми нудат некого за интервју, за кого сфаќам дека би бил интересен за јавноста. Инаку, ретко зборувам со луѓе што не ме интересираат. И знам да речам дека е поважно да си некаде отколку да бркаш некого за интервју. Никогаш не ги интервјуирам оние по кои трчаат стотици новинари. Го чекам своето време, а тоа секогаш доаѓа. Оријана Фалачи ја сретнав во Белград кога околу неа се тискаа многу луѓе. § ставив едно ливче во џебот на кое и’ напишав дека сме колешки и дека сум новинарка – повикајте ме во кој било дел од денот или ноќта, додадов. Ми се јави во 1,30 часот по полноќ, отидов кај неа во хотелот и и’ направив интервју. Тогаш сфатив дека не сакам таква кариера, на полноќ во непознат град да викнам новинар само затоа што не можам да спијам, затоа што сум осамена опкружена со цвеќето на обожавателите… Ја спомнувате Јованка Броз. Разговорот долго го чекав и имав среќа неколку пати да бидам кај Јованка. На светот му го објавив тоа интервју. Пред мене седеше Јованка Броз, ама сосема поинаква од онаа што ни ја прикажуваа, што сакаа да ни ја отсликаат. Беше тоа срдечна, топла, осамена и разочарана жена. Се’ уште не објавив се’. Сакам да чекам. И сакам да одам напред. Често прерано одам со некои работи.

Зошто новинарките се’ поретко се мажат? Што се смени кај вас кога станавте мајка и кога добивте внука?

– Кога по деветти обид добив син, сфатив дека се’ е можно. А кога добив внука, знаев дека господ убаво ме погледнал. Новинарките поретко се мажат зашто ги мешаат важното и неважното и почнуваат да веруваат во своите репортажи што зборуваат за светот што не постои. Веруваат во својата неповторливост – штом ќе ги препознаеш на улица. Сакаат да се омажат за суштества од фантазијата, филмот, сништата. Помислуваат често дека се исти со оние што ги интервјуираат.

Работевте и надвор од границите на Вашата земја. Колку странските новинари се разликуваат од овдешните?

– Во светот никогаш не работев тимски. Бев ангажирана за ексклузивни репортажи и интервјуа. Така го сфатив значењето на авторската работа и колку се почитува таа. Тоа во нашата средина ми овозможи да се позиционирам и да имам многу професионален однос спрема својата работа. Знам дека не можам да спијам на лаври. Во светот, кога новинар ќе стане име, задолжен е да го чува и професионално да го штити. Да се заштитува и себеси и куќата за која работи. Тоа се’ уште не е развиено кај нас. Се’ уште се чудам кога ќе слушнам како некој зборува неубави работи за куќата во која работи. Во странство, едноставно, тешко е да се замисли тоа.

Што мислите, на што се должи промената во новинарството денес, трачарење, жолт печат? Порано се сметаше за некултурно сиркањето во приватниот живот, а денес, ако го нема тоа, се’ помал е интересот кај публиката?

– Ме прашувате за влегувањето во приватноста на некоја личност? Тоа е прашање на добриот вкус и мера. Никогаш не ја поминав линијата и можев да направам интригантна репортажа и без тоа. Се’ зависи од тоа како прашувате.

Важите за прилично енергична жена, на моменти строга, особено кон вашиот поглед на нештата, на инсистирањето да се каже вистината. Знаејќи колку вистината може да биде болна, дали имавте проблеми поради тоа, непријатни ситуации, можеби закани?

– Енергична сум. Да не бев, немаше да бидам во оваа работа. Енергијата ја чувам, ама ја трошам на вистинските работи или на оние за кои мислам дека се вистински. Инсистирам на вистина зашто за неа се борам во моите емисии. Тогаш малку се занимавам со последиците и не размислувам дали некому му се допаѓам или не. Непријатни ситуации сигурно имаше, ама не паметам ништо грдо. Се сеќавам само на убавите нешта. Имав неколку суспензии, но, верувајте, тоа беше одамна и денеска навистина не можам да се сетам за што беа.

Кога и да ме суспендираа, новинарите прашуваа дали е вистина и за причината. Мојот одговор секогаш беше ист – дека патувам и дека е невистина. И потоа – како да не се случило…

Вашата биографија, особено семејното стебло, може да послужи и како сценарио за филм. Потекнувате од еврејска фамилија и тоа звучи и мистично и романтично. Ќе ни раскажете ли нешто?

– Да, мистично и романтично. Зошто тогаш да го демистифицираме? Така нека остане. Можеби еден ден од тоа ќе се роди некоја нова ексклузивна приказна.

Дали сте штедливи и, со оглед на честите патувања, на што најчесто трошите пари?

– Да, штедлива сум. Моите пријателки велат дека сум скромна. Парите ги трошам на авионски билети, на снимање и опремување на програмата. Сакам да појдам на пазар и таму можам да трошам без ограничување. Тогаш се чувствувам моќно и задоволно, а уште кога ќе купам многу цвеќе, на моето задоволство му нема крај.

Што би било инспирација за Вас во Македонија?

– Во Македонија бев само еднаш, и тоа на Шар Планина во Тетово. Се сеќавам на гостопримството и на една богата трпеза со преубави гурманлаци, на љубезноста и топлината што не се забораваат. Мојот татко, д-р Соломон Адања, имаше многу пациенти таму, а јас бев неговата ќерка што преубаво ја примија. Замислете, не бев во Охрид. Би сакала да го видам и да снимам нешто… По концертот на Павароти, се запознав со Тоше. Се договоривме да ми гостува во емисија, ама не успеавме. Би сакала да ги посетам неговите родители и да направам една репортажа со временска дистанца кон трагедијата. Инаку, Тијана Дапчевиќ е голем уметник и со неа би сакала да ги поминам местата по нејзина препорака и да го снимам тоа за емисија.

Што може да Ве насмее?

– Најчесто мојата внука која има смисла за хумор.

Кој комплимент го паметите?

– Кога продавачка, затоа што погрешно ме проценила, ќе ми го донесе конфекцискиот број 40. Ништо не ми е подраго.

Се плашите ли од староста и од физичката немоќ?

– Староста е неминовна, а физичката немоќ – не. Одамна веќе редовно и сериозно се занимавам со физичка активност, зашто таа е единствен начин да се остане здрав и витален.

(Валентина Тодоровска, „Утрински Весник“, Македонија, 18. април 2008)

Lakše ćete pratiti šta radim i emisije koje želite da pogledate ako preuzmete aplikaciju za Android i iPhone.

Ostavite komentar