Енергична, упорна и автентична се карактеристиките на Мира Адања-Полак, новинарка чиишто приказни во неколкудецениското телевизиско траење се синоним на автор со силен идентитет
Секогаш сте во чекор со времето, актуелностите, аномалиите на современото живеење, ама и на убавите нешта што го следат човека. Вие, Миро, и по 35 години занимавање со новинарство, сте жена на новото време имате свој сајт и профил наФејсбук, одлично се снаоѓате во комуникација преку компјутери, мејлови, со сите технолошки иновации на векот…
– Па, тоа е единствен начин да бидам во контакт со гледачите што ја следат емисијата што ја работам секоја сабота (14 часот) на првата програма на РТС. Ќе се согласите со мене, денес имаме с‘ помалку време за средби, ритамот на животот е брз и вистинското приспособување на тековите е емисиите и темите да ги најавувам на сајтот www.адања-полак.цом. Откога постои таа технологија, имам можности да видам кој ги гледа емисиите, кои се критиките и пофалбите. Над 65.000 луѓе го посетуваат мојот сајт и ја коментираат програмата. Одделни делови ги има и на „Јутјуб“ и таков вид комуникација за мене е и корисен и охрабрувачки. Мотивира и насочува.
По професија сте психолог и тоа веројатно многу Ви помогна во новинарскиот пристап луѓето да имаат потреба, желба да кажат нешто повеќе…
– Новинарството е професија која повеќе од другите може да го смени светот и да им помогне на луѓето, па поради тоа и го одбрав. Школувањето за клинички психолог ми даде широко образование, кое сметам е неопходно за занимавањето со новинарството. Тоа што сум психолог ми помага подобро од другите да протолкувам нечие однесување, а фактот дека луѓето ми се доверуваат значи дека во мене и во работата што ја работам имаат повеќе доверба од другите.
Каква е паралелата меѓу новинарството некогаш и сега? Вие почнувавте во 80-тите, со кој совет денес ги охрабрувате младите новинари да се храбри, љубопитни, упорни…
– Совети не давам ама упорноста е важен фактор. Доколку верувате во она што го работите, не смеете да се откажувате и да менувате мислење. Постои добро новинарство и она што тоа не е. Треба да си храбар, а ако притоа си и талентиран, тоа е дарба од Господ.
Вашите гости неретко се и сосема анонимни ликови со интересна приказна љубов без предрасуди, белграѓанин елитен цвеќар во Париз…
– Можеби јас го гледам она што другите не го гледаат, така и доаѓам до интересни луѓе. Функциите не ми се во прв план, ама кога ќе сретнам интересна личност, тогаш истражувам и најчесто доаѓам до интересна репортажа. Ме прашуваат како ги наоѓам сите тие луѓе… Чувствувам, едноставно чувствувам добра приказна.
Што се однесува до проблематиката, мислам дека луѓето на позиции, политичари, министри, доктори… не смеат да Ве одбијат. Или?
– Ги гледате само оние што сакале да дојдат во емисија, а не и оние што ме одбиле, ама јас знам да чекам. Потоа тие ме прашуваат дали сум се откажала од интервјуто, па им велам не, затоа што не ги канев ниту поради функцијата ниту поради некоја состојба, туку затоа што ми се важни. Всушност, многу се поважни откако ќе помине време отколку кога мислеа дека се незаменливи.
Правевте интервјуа со политичари, амбасадори, новинари: Ричард Никсон, Јованка Броз, Хенри Кисинџер, Карло Понти, Данило Киш… Се сеќавам на приказната на Оријана Фалачи и нејзината промоција на книга во Белград. Ви се јави по полноќ за интервју, соочена со самотијатана хотелската соба… На што од сработеното сакате да се присетите?
– Често ќе помислам: е ова добро го направив, кога сум задоволна од разговорот. Пред самото интервју, имам трема дали ќе испадне како што замислувам. Инаку, посебно го паметам интервјуто со Шимон Перес во Ерусалим. Често го преслушувам, особено кога сум во некои недоумици. Ќе се потсетам и си давам себеси преодна оценка. Поучен и вечен е тој разговор, а јас од секое интервју учам… Се сеќавам на интервју со човекот што ја започна војната против мафијата во Италија и сега сум во контакт затоа што подготвувам продолжение… Ама ретко гледам наназад, секогаш мислам на следната сабота и на договори околу некои ексклузивни приказни.
Предрасудите дека новинарките се гладни за сензации и дека немаат приватен живот во вашиот случај не важат. Каква баба сте Миро, попустлива, строга…?
– Секогаш знаев да го ценам приватниот интимен живот, тоа е мојот приоритет. Семејството е големо и сите сме на куп, а јас треба да се покажам и како баба, и тоа многу ми годи. Мојата најстара и прва внука (ги имам три) мисли дека јас можам с‘, и кога нешто ќе ме праша, морам да знам. Јас сум како баба што секојдневно полага испити.
Кој комплимент го паметите?
– Кога продавачката во продавница ќе ми донесе конфекциски број 40 затоа што погрешно ме проценила. Ништо не ми е подраго.
Патувања, средби, неизвесност, а потоа тивко задоволство од сработеното. Потекнувате од еврејско семејство, и имате интересен животен пат… Би правеле ли с‘ повторно и сте размислувале ли да напишете биографија?
– Во главата е с‘ средено, уште само да се роди желба сето тоа да им го покажам на другите и да се подготвам за дополнителен ангажман, тоа да го ставам на хартија, како доказ за она за што ми зборуваат. Затоа што јас и не верувам дека имав толку програми во живо, документарни и ексклузивни емисии. И бројот не им го знам… Не сметам, не бројам, само гледам на камерманите кон крајот на програмата, гледам горе во режија и поставувам едно единствено прашање: како беше…
(Валентина Тодоровска, „Утрински весник“, 27. март 2014)
Lakše ćete pratiti šta radim i emisije koje želite da pogledate ako preuzmete aplikaciju za Android i iPhone.